Дали постои назив за она чувство кога не можеш да избркаш некого од мислите, а не е љубов? Она чувство кога одејќи по улица одеднаш те удираат спомени. Спомени кои си бил убеден дека се закопани длабоко под земја. Како што прави скорпијата.
Ама не биле. Испловија на површината. Се вратија со некоја цел. Но, која? Можеби да ме потсетат дека сум доволно силна да се справам и со ова колку и да е тешко како што можев да се справам и со нашата разделба.
Јас можам. И ти можеш! Многу повеќе од тоа. И секој спомен нешто значи. Од тебе зависи како ќе го протолкуваш. Јас одбирам да побарам светло во целава темнина. Па макар требала дупло да пешачам за истото. Таму, на крајот на темината стојам јас. Сега посилна од кога било. Сила која ми ја даде ти. Новата јас која не дочека да ја видеш. Да ја запознаеш. Но, ќе ја запознае правиот. Ти благодарам што му го отстапи тронот!
Од другата страна на темината се наоѓа сѐ она за кое долго сонував. Сѐ она кое го замислував. Сѐ она за кое се молев. Патот е долг но знам дека ќе се исплати! Само храбрите стигаат до таму. И ниту една битка не е лесна, но победата, зар не е слатка? Зарем не е прекрасно кога најнакрај ќе сфатиш дека си успеал и покрај пеколот низ кој си поминал.
Таа помисла за успех е мотор за телово мое. И таман кога ќе помислам дека треба да се откажам, се вклучува автопилот и телово продолжува да се бори. Продолжува да се движи кон целта иако несвесно. Чиниш месечари.
И во тие моменти ми е драго што сум инаетчија. Оти, да не бев, до каде ќе стигнев? При првата помисла на тебе ќе се откажев и паднев во бестрага. А тоа сонце, не е во моите планови. Јас одбирам да сум успешна, храбра, независна, најдобра! Најдобра верзија од себе, а сепак секој ден се подобра!
И да, пак ќе те помислам. Пак ќе се разочарам. Пак ќе избувнам. И ќе се насмевнам. И ќе ти се заблагодарам. Искрено, од душа, Ти благодарам.
Одрекување од одговорност:
Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺
Comments