Се мислев на што јазик да пишувам. На македонски, за да ме разбереш, или на шпански, за зборовите да останат во длабочината на душава. Како што ти умееше да ги поттиснеш чувствата најдлабоко во себе. Накај заборавот, зарем не?
Се што требаше да знам, ти го потискаше навнатре, а требаше да излезе на површина. Требаше отворено да ми кажеш се, да ме спречиш да претпоставувам. Нема полошо од претпоставки.
Бидејќи љубовта треба да се почувствува, да се покаже и докаже, но никогаш да се базира на претпоставки. Љубовта треба да е чиста како водата.
Лондон... Што да ти кажам. Не се ни израдував. Обожавам да патувам. Да посетувам нови места. Но, што ли се случи овој пат? Каде исчезна еуфоријата? Зошто не сум возбудена? Зошто не сум среќна? Каде исчезнаа сите позитивни чувства? Зошто те мислам толку многу? Зошто те гледам насекаде? Зошто дури и те сонувам?
Те сонив. Бевме заедно. Изгледав среќна. И бев среќна со тебе. Солзи надојдоа со самата помисла. Но и сите лоши спомени. Тагата што некогаш ја чувствував, и таа се врати. Се чувствувам преполна со емоции, чувства, спомени.
Среќна за најубавите моменти поминати заедно, воедно тажна затоа што заврши.
Ослободена затоа што можам да правам што ќе посакам, воедно дезориентирана, изгубена.
Смирена, затоа што знам дека не сме еден за друг, воедно гневна затоа што требаше да се бориме, а не мрднавме со прст.
Заљубена? Не би рекла. Сакам да те слушнам, да те видам, па дури и да те гушнам! Но не те сакам, не сум вљубена во тебе.
Го сакам тоа твое енормно срце, воедно го мразам затоа што не беше направено за мене.
Ми недостига да те слушам, но ја презирам твојата тишина, кога најмногу ми треба да зборуваш.
Благодарна, што ме промени на подобро. Но никогаш нема да ти опростам што не дочека да ја видиш таа промена.
Се откажав од идеата да се борам против сите за нас, но ја добив сопствената битка.
Сега знам која сум. Сега знам што барам. Сега знам што сакам. Но ебено проклето ме нервира што досега го пронајдов само во тебе!
Сакам да знам што мислиш за мене. Што им велиш на луѓето кога те прашуваат за мене. Ме убива што имам толку прашања а ниту еден одговор.
Сеуште во Лондон. Проучувајќи ги улиците. Фотографирајќи се што ме
опкружува. Мислејќи на тебе. Гледам пред мене пар и не гледам во нив. Кога бевме на одмор, се сеќаваш? Или веќе го избриша тој дел од сеќавањата? Гледам фамилии и се прашувам, што ќе се случеше ако се преселевме заедно? Ќе ги поминевме ли тие кризи што ги имавме?
А што ако продолжиме да се сакаме разделени? А што ако никогаш не дознаеме за љубовта што ја чувствуваме еден кон друг? А што ако судбината не спои повторно? А што ако Господ ни даде една последна шанса да исправиме се? А што ако сепак сме еден за друг но предоцна го сфативме тоа? А што ако авионот во кој се наоѓам во моментов се руши и писмово стигне до тебе и сфатиш дека мојот живот никогаш не бил ист без тебе, но веќе ме нема?
Зошто сме толку големи кукавици? Што да правам со турбуленцииве во срцево и во мојата внатрешност? Па дури и на летов...
Толку чувства и ни со кого да ги споделам.
Толку љубов и само мачор покрај мене.
Толку простор во креветов и спијам сама.
Толку многу места а патувам сама.
Толку интелигенција и се уште не можам да сфанам што по ѓаволите чувствувам за тебе?
Дајте ми име за ова! Дајте ми еден одговор! Дајте ми знак!
Полудувам и со тебе и без тебе. Бар да останевме пријатели... Да можевме да прошетаме у парк, да пиевме кафе, да правевме што било! Нешто повеќе од "здраво" и "чао". Нешто повеќе од ништо.
Одрекување од одговорност:
Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺
2 Comments