Неделно попладне... Ми фалиш до болка. Ми беше најдобар пријател. Никогаш нема да се помирам и да прифатам дека не си до мене. Никогаш нема да сфатам зошто некој би сакал да наштети свесно на суштество како тебе.
Не те земаа само тебе. Всушност земаа голем дел од мене.
Те зедов сеуште мал. Големина на дланка. Пресладок. Знаев дека ти ќе ме научиш на многу работи.
Само суштество како тебе може да не научи на лојалност, верност, искрена љубов. Само суштество како тебе може да не научи како целосно да се предадеме некому.
За некого си обичен миленик а за мене си семејство. И секогаш се прашувам, дали тие што не сакаат миленици, се способни да сакаат било кого?
Се сеќавам како да беше вчера. Ја изгубив Лекси, кратко потоа го изгубив дедо ми, и како да тоа не беше доволно, морав да те изгубам и тебе. Ме оставивте сите, ама барем сте заедно таму, дедо ми многу ве сакаше!
Се сеќавам како да беше вчера. Избезумена. Не знаев каде да се свртам. Не знаев што со себе.
Излегов надвор. Не требаше ни да ти довикнам, како да ми ги читаше мислите. Дојде до мене и како што само ти знаеше, ме гушна. Не, не драматизирам, не претерувам, ти навистина знаеше да ме гушнеш.
Си дојде, си се смести во скут и завладеа тишина. Се што се слушаше беше моето липање. А ти како да ја разбираше мојата болка, се повеќе и повеќе се пикаше во мене. Да можеше ќе ја извадеше целата болка и тежина од мене. Добро што ја немате и таа способност. Веќе премногу правите за нас.
Па добро бе како може толку многу љубов да собере во толку мало суштество?
И не разбирам како душиче како тебе му засмета на некој. Жал ми е што не те пронајдов на време, можеби ќе можев да те спасам. Или можеби Господ сакаше да те најдам доцна, за да не страдам дополнително гледајќи те како се мачиш. И жал ми е за тој што ти наштети, затоа што никогаш не почувствувал вистинска љубов.
Се сеќавам како да беше вчера, и никогаш нема да го заборавам моментот кога го пронајдов твоето бездушно тело. И секогаш ќе го проколнувам копилето што ти наштети тебе и на сите други. Прости ми што не бев со тебе.
И секогаш, до последен здив, за мене вие ќе бидете скалило погоре од човекот. Затоа што човекот ќе ти наштети и свесно ќе го направи тоа. А вие.. вие сте Ангели пратени на земја да не чуваат!
Ти благодарам што беше со мене. Ти благодарам за сé што ме научи.
Ти благодарам за секое мавтање со опавчето.
Ти благодарам што ме чекаше до кола каде и да одев и што беше најпослушен.
Ти благодарам што скокаше најмногу што можеше секогаш кога ќе ме видеше, најубавиот пречек!
Ти благодарам за прегратките и за неизмерната љубов!
П.С. Ќе ви ја оставам сликава овде, за сами да видете како изгледа вистинска љубов. Да видете со свои очи како милениче искажува љубов и гушка најсилно!
П.П.С. Текстов е од архива. Го објавувам денес затоа што Буби го изгубив во февруари пред 8 години.
Го објавувам во чест на сите оние кои сопствениот живот би го дале за да го спасат нашиот.
Во чест на сите херои.
Во чест на сите паднати Ангели. До сега спасувавте животи, а од сега ќе чувате души.
Ангели чувари. Ви благодарам што постоите!
колку емоции