Секој има свој начин на бегање од реалноста. Мојот омилен начин беше преку пишување или читање.
И додека ти гледаше филмови, шоуа или играше Плејстејшн по цел ден, јас превраќав очи. Знаев да искоментирам "Добро зар не ти здосади да играш цел ден" .. Не можев да разберам дека тоа беше твоето бегство.
Сега се плашам дека бегаше од мене.
Знаев да ти се придружам за некоја серија, а знаев и да ја изгледам пред тебе. Јас не знам да се контролирам кога станува збор за серии. Една епизода - две и на спиење. Што? Како можеш да заспиеш без да ја видиш наредната епизода? Ќе останев ќе изгледав уште некоја епизода а ти ќе си легнеше. Ја гледавме серијата "Изгубени". Веројатно затоа што веќе почнавме да се губиме. И се изгубивме.
Ти ја почна сам, јас несакајќи ја забележав и се сетив дека кога бев помала ја гледав на ТВ и беше предобра, па реков ќе гледам и јас. На крај јас ја изгледав пред тебе. А да знаев дека тоа е последната серија што ја гледаме заедно ќе те чекав. Ќе се стуткав во твојот скут, во твојата прегратка и ќе гледав толку колку што ти ќе посакаше.
Ќе се будев со тебе, за да те гледам подолго. И ќе те чекав да ми вариш кафе наутро, од тебе е најслатко!
И ќе доаѓав од време на време, да ме гушнеш, затоа што прегратките ни беа задолжителни, па дури и кога некој од нас беше нервозен, лут.. а тогаш ни беа најпотребни! А колку само може една прегратка, о Боже! Зошто не те гушкав почесто, подолго?
И те чекав. Те чекав да дојдеш по мене. Те чекав да дојдеш за мене. Да дојдеш за нас. Да се појавиш на вратава додека небањата, облечена како бездомник, уплакана, гледам Нетфликс. Да, почнав да гледам Нетфликс, зарем вие не гледате филмови кога не сакате да мислите? Да ме начекаш во хаосов, да, ситуацијата во станов ме опишува совршено сега, а ти знаеш јас колку мразев да седам во несредено и нечисто. Ама кога целата внатрешност ти е хаотична, целиот живот, што да не е и станов? Веќе се навикнав.
Те чекав да ми се јавиш. Да пишеш.
Те чекав да ми се вратиш.
Те чекав пред 15ти.
Одрекување од одговорност:
Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺
Comments