top of page
Writer's pictureEmerara

Скршен монолог

Updated: Aug 11, 2023

Јас: Те сакам.

Ти: Знам.


Ќе знаеш. Тогаш кога за момент ќе останеш сам и ќе разгледаш наоколу.

Ќе знаеш. Кога ќе ги погледнеш сликите на ѕидот нацртани од моиве раце. Па дури и ако ги тргнеш, ти пак ќе знаеш.

Кога ќе погледнеш во кујна, ќе знаеш.

Кога ќе ја здогледаш прекривката што ја одбрав, на масата на која сега седиш, ќе знаеш.

Кога ќе ги погледнеш жардиниериите и балконот, ќе знаеш.

Кога ќе го разгледаш вецето кое го реновираше по мој вкус. Со тие црни елементи што јас ги одбрав. Со вградениот шкаф... е тогаш ќе знаеш.


Кога ќе запознаеш друга и ќе ти се налути што е игнорирана, што те нема, што си ладен како камен, ќе знаеш.

И ако не се замара за тоа што те нема, и тогаш ќе знаеш.

Кога ќе ја донесеш дома, на спалната каде јас спиев.

На постелнината која јас ја одбрав. Што ја купи со мене, за мене... ќе знаеш.


Ќе знаеш дека мојава душа остана таму.

Ќе знаеш дека јас сум сѐ уште присутна.

Ќе знаеш дека пред сѐ ми требаше пријател и огромна поддршка која притоа не ја добив.

Ќе знаеш дека заслужив еден е*ан одговор во изминатиов месец.

Ќе знаеш дека твојата некомуникација беше нашиот проблем.

Ќе знаеш точно кои зборови требаше да ги кажеш, а ги премолчи.

Ќе знаеш дека требаше малку време и трпение, а ти го немаше.

Ќе знаеш дека проблемот беше тоа што ти не беше спремен за семејство.


Ќе знаеш дека со тоа што одбираш да не мислиш на мене, нема да постигнеш да ме заборавиш.

Ќе знаеш дека и покрај моите несовршености, моето срце е сѐ уште големо како планина.

Ќе знаеш дека љубов како мојата се наоѓа само еднаш во животот.

И ќе знаеш дека ти ја пронајде, и ја пушти да си оди.

И само тоа ќе ти остане. Сознанието за еднствената искрена љубов што се бореше против светот за тебе, и ти ја пушти.

И ќе знаеш, во тој момент, дека си направил голема грешка... ќе знаеш.


И додека сите се борат да го пронајдат својот животен сопатник, некои успеваат, а некои... па, тие само се лажат дека го пронашле.


И тогаш ќе се сетиш.

Ќе се сетиш дека ти го дадов клучот од станов. Не за да ти помогнам, ами затоа што сакав тоа да е наш стан. Затоа што во твоите очи, јас гледав ДОМ.


И тогаш ќе се сетиш.

За секој семејството е прво место. За мене ти беше моето. Затоа што дом е само место каде се наоѓа срцето, а моево секогаш слепо те следеше.


И тогаш ќе се сетиш.

Не дојдов да скијам затоа што сакав, дојдов затоа што среќата и возбудата во твојот глас ми кажаа многу повеќе од твоето ¨Сакаш ли да одиме?¨.


И тогаш ќе се сетиш.

Дека поголем борец од мене не постои. Не се изборив само против моите, се изборив со себе.

Се изборив да излезам од црнилото во кое бев завиена.

Се изборив да застанам одново на нозе.

Се изборив да ја вратам среќната и весела Емерара што секој би сакал да ја има наоколу.

Се изборив дури и со цигариве и сега среќно можам да кажам "Фала, ги откажав."

Се изборив, и конечно успеав!


Ова не е никаков обид да те вратам назад.

Ова е... приказна за двајца кои многу се сакаа и си одржаа лекција меѓусебно: што е љубов... или што не е љубов.


Еден ден ќе сфатиш. И тогаш ќе се сетиш.

Ќе се сетиш што значи вистинска љубов.

Ќе се сетиш на што се е спремна вистинската љубов.


И тогаш ќе знаеш. Ќе знаеш дека вистинската љубов, има само едно име...


Емерара.

 

*Текстов е најпрвиот што се осмелив да го прочитам пред некого. Никој не остана рамнодушен, а тоа ми ја врати самодовербата што одамна ја бев изгубила. Сите тие искрени реакции, насолзени очи, ме поттикнаа да започнам свој блог. Ви благодам од срце, блогов немаше да постои да не бевте вие!



Одрекување од одговорност:

Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺


 

Кликни за да го купиш цртежот Скршен Монолог.



Related Posts

See All

Диши

Comments

Rated 0 out of 5 stars.
No ratings yet

Add a rating
bottom of page