Прв дел
Седам во тишина и ги слушам букиве кои непрекинато тропкаат од дождот. Си пуштив некоја тивка музика и реков ќе уживам. Само што нешто не ми дозволува да уживам. Ми се враќаат спомени од детството. Од животот.
Ги затворив очите и се видов себе. Седев со мајка ми додека таа продаваше грозје. Реков ќе отидам до кај татко ми. Имав само седум години. Знаев дека улица се преминува на пешачки. И тргнав накај пешачкиот, ама го поминав... се заодив и веќе не знаев каде сум. Се загубив. Бев далеку од мајка ми. А сега далеку и од татко ми.
Не знам што се случи, јас до ден денес се сеќавам на раскрсницата и сеуште знам каде требаше да отидам.
Почнав да плачам. Една дадичка ме најде, ме застана. Ме однесе кај неа во двор, и пластичната маса и столчиња сеуште ги паметам. Ми даде вода, ми кажа дека е тука да ми помогне и ме почека да се смирам. Престанав да плачам па успеав да и објаснам каде бев и каде сакав да одам. Не се сеќавам што и кажав но сега сфаќам дека доволно добро сум објаснила штом успеа да ме врати кај мајка ми. Сеуште ги осеќам нејзините солзи, стравот во нејзиниот глас дека никогаш повеќе нема да ме види. Сеуште се сеќавам на цела љубов собрана во таа една прегратка. Како со душа да ме гушна.
Извини малечка, не направи ништо лошо, не грижи се.
Си игравме криенка со брат ми. Имаше некој душек прекршен на пола. Бев толку малечка што можев да се сокријам во средина без никој да ме забележи. Брат ми залетан се фрли врз душекот... толку беше залетан што со падот ме удри во стомачето и ме остави без воздух. Бевме мали и ни беше страв да му кажеме на татко ми, за да не јадеме ќотек. Се преправавме дека си играме додека се мачев да земам воздух. Не знам колку секунди бев така но ми се чинеше цела вечност.
Сите детски години ми поминаа пред очи. 3 секунди ме делеа од смртта. За среќа успеав да се издишам. Помина.
Извини малечка. извини што поголемиот брат не те заштити тебе, за да се заштити себе. Ќе скратеше нечиј живот сакајќи да ви скрати ќотек. Прости му, малечка. И тој беше само дете.
Родендени... како да сум била за нешто казнета. Па мислам дека тоа беше прв и последен пат кога брат ми се обиде да ми помогне. Се понуди да оди на нива место мене, за да можам јас да прославам роденден со другарчињата.. Извини малечка што денот кога си се родила не го гледале како ден за прослава. Извини малечка, што немаш луѓе околу тебе што со радост го чекаат и слават твојот роденден. Прости им, ти не го заслужуваш тоа.
Еј а замисли на 15 години да те нашамарат? Па да идеш со помодрено око, со срам да се шеташ наоколу. Или да измислуваш лаги зошто ти е окото модро. А зошто? Затоа што е полесно да се носи заклучок отколку да се разговара. Едно прашање, и се ќе беше разјаснето. И не знам кој е полош, тој што ти ја нанесува болката, или тој што го навел да мисли дека е во ред да нашамари некој за нешто што тие си го замислиле.
Извини малечка, што полесно било да те воспитаат со ќотек отколку со збор. Извини малечка, што им било тешко да те прашаат и уште потешко да ти веруваат. Прости им малечка. Толку знаеле.
Малечка, ти си единствената препрека во својот живот. Сѐ што ќе си замислиш, ти можеш да го оствариш.
Сакам да знаеш дека си многу храбра, похрабра од сите што ги познавам.
Ти успеа сама против сите. И секогаш сама се справуваше со своите проблеми. Извини што немаше поддршка од најблиските. Извини што сама на себе беше рамо за плачење.
Сакам да знаеш дека си паметна, а ако не ми веруваш види колку си успеала и ќе сфатиш.
И кога ти велеа дека од тебе човек не бидува, не беа во право! Ти си голем човек. Ти имаш срце големо како планина. А се додека имаш големо срце, ти си најбогата на свет! А тие... тие имаат само пари.
Сакам да знаеш дека си подобра секој ден. И кога светот ти се руши ти си насмеана.
Ти си културна. Воспитана. Вредна. Педантна.
Ти благодарам што од досада по сто пати го прередуваше шкафот.
Ти благодарам што се грижеше и бореше за себе.
Ти благодарам малечка, што наместо да се расправаш и бунтуваш, ти стискаше палци и се молеше за подобро утре.
И сакам да ти се извинам, искрено од срце.
За секое потскокнување од страв кога ненадејно некој ќе се појави. Ти ветувам, дека никој никогаш нема да крене рака врз тебе!
Извини за секоја пролеана солза и секоја неислушана желба.
Прости ми и прости им, што не ти дадоа поддршка. Јас секогаш ќе сум тука за тебе, ти ветувам!
Прости им што им требаа месеци за да кренат слушалка да се извинат, да те чујат како си.
Прости им што и кога знаеја дека не си добро, сепак те критикуваа и напаѓаа.
Прости им што не ти го овозможиле правото на избор.
Прости им за се што ти подговориле, не знаеле подобро.
И сакам да ти кажам дека се гордеам со тебе. Извини што ретко го слушаш тоа. Но, навистина го мислам!
Благодарна сум им на сите, а биди и ти!
Ти беше најхраброто дете што го познавам, за да сега се претвориш во жениште.
Жениште, жена е мал збор за тебе. Ти сто пати падна и стана сама, бидејќи немаше кој да ти подаде рака.
Ти сама се извлече на колена, дојде до крајот и се исправи на нозе!
И ти сама ќе успееш да ги надминеш своите маани, и сама ќе се спремиш да бидеш мајка каква што секој сака да има. Каква што секој треба да има.
Им благодарам на сите што те разочараа, повредија и расплакаа милион пати.
Им простувам, бидејќи не знаеле подобро, им простувам што не сакале да научат подобро.
Прости ми што те повредив, ќе направам се што е во мои раце да те усреќам.
И те молам никогаш не заборавај, горда сум на тебе!
Одрекување од одговорност:
Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺
Comments