Извини што ти пишувам. Еден од оние денови. Ми фалиш како луда. Изгубена сум. Мизерна. Ми требаш. Ми треба таа насмевка што ја има способноста да излечи било што.
Продолжив. Понекогаш си мислам оздравев. Се додека некој не те спомне, и тогаш се започнува одново. Пријател ме праша за тебе. Никогаш нема да ги заборавам неговите зборови “Маж само еднаш сака на тој начин.” зборовиве одзеваат како ехо во мојата глава. Како да беа поставени на повторување. Одново и одново.
На последниот разговор се договоривме веќе да не се допишуваме. Ахх, многу сакам да ти напишам сега! Но ја почитувам твојата одлука.
Понекогаш се прашувам, дали помислуваш на мене? Дали ги препрочитуваш нашите пораки? Ги гледаш ли нашите слики како што правам јас? Го мирисаш ли мојот парфем, како што јас го мирисам твојот? Различен е на твојата кожа. Појак, покисел, подобар.
Се сеќавам кога се врати дома со букет цвеќиња. Без причина. Затоа што така си сакал. Ох, сонце! На моиве дланки им требаат твоите. Моево тело го бара твоето. Му треба твојата топла кожа. Да биде во твоја близина додека нежно ме бакнуваш. И таа насмевка што веднаш се појавува на моево лице! Сакам ти да си првото нешто што го гледам кога се будам наутро. Ах тие утра, колку ги мразам.. но ги сакам покрај тебе.
Дали и тебе ти фали тоа? Или само јас сум заглавена во спомените за тебе, за нас? Дали ти имаш потреба да зборуваш со мене? Да ми кажеш како ти поминал денот. Како помина на работа, што правеше.. Било што? Дали гордоста не ти дозволува да ми пишуваш?
Сега, само сакам да знам дека си добро. Да знам дека пронајде среќа и мир. Да знам дека ти е подобро без мене. Само тоа ми е битно, да си добро! Прости ми за глупавоста, за предавството, за себичноста и за сите мои грешки. Συγνώμη.
*Συγνώμη (читај "сигноми") - На грчки јазик значи "прости ми".
Одрекување од одговорност:
Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺
Comments