Во други околности текстов ќе беше за тебе. Но, верувај денес не си центар на вниманието. Ма што зборам денес, веќе долго време не си!
Денес повторно ќе пишувам за болка, но не онаа предизвикана од погрешно избраниот љубовен партнер.
Денес, ќе пишувам за болка предизвикана од помисла, емпатија.
Социјални мрежи полни со слики, вести, видеа од ситуацијата во Турција и Сирија. Катастрофални земјотреси кои оставија траг засекогаш во историјата.
Секоја слика - нова, засебна приказна.
Секое видео - нов бодеж на срцево.
Секоја жртва - нова доза солзи.
Сечиј извик - спасен живот, втор живот.
Но, каков е тој живот?!
Илјадници изгинати, илјадници исчезнати, илјадници затрупани под рушевините од проклетите земјотреси!
Родители виснати над своите малечки за да ги спасат од немилосните земјотреси. Им подариле втор живот на своите малечки, го замениле својот за нивниот, но ги осудиле на тага уште од мали нозе...
Дел од насловите кои кружат на социјалните мрежи:
"Татко кој го гушка безживотното тело на своето новороденче.", "Момче кое наместо да ја спрема девојка си за свадба, тој и спрема погреб", "Мајка која со телото го спасила своето новороденче." , "Мајка која починала при пораѓај низ урнатините"....
Наслови кои ја параат душата.
Наслови кои печат како лимонов сок на исекотина. Наслови кои како кактуси го боцкаат срцево.
Наслови кои оставаат траги како и самите земјотреси.
Наслови кои посакуваш никогаш да не си ги прочитал.
Слики кои посакуваш никогаш да не си ги видел.
Видеа од расплакани души кои посакуваш никогаш да не си ги слушнал.
Премногу болка, премногу страдање. Нивниот плач одзева во ушиве! А рацеве врзани. Не сакам да гледам новости, а сакам да знам што се случува.
Часовите се множат. Поминуваат денови. Жртвите се зголемуваат - надежта се намалува. А страдањето... само што почнува за тие невини луѓе.
А солзиве не запираат, се соживувам со секоја од тие напатени души. Што виделе тие мали суштества за така да завршат? Родители кои ги надживеале своите деца.
Животот е премногу суров.
А тука сме и ние, да, ќе се ставам и јас во таа група на луѓе. Луѓе кои не секогаш го ценат тоа што го имаат. Не доволно ги ценат луѓето што ги опкружуваат. Родителите кои ги донеле на светов, браќа и сестри, пријателите кои се до нив, колегите кои им помогнале на факултет, на работа, животните кои се наши најдобри пријатели....
А зошто?! Кога ќе се промени тоа?!
Кога ќе почнеме да ги цениме оние што го даваат животот за нас?! Кога ќе научиме дека животните се тие што ни помагаат, тие што копаат по рушевините во вакви катастрофи?! Кога ќе се свестите дека вашиот бизнис постои благодарение не вашите вработени?!
Што чекате за да им се јавите на вашите родители и им кажете дека ги сакате најмногу на свет?! Дека сте им благодарни што ве донеле, што ве израснале во личноста која сте денес и дека сте им неизмерно благодарни?!
Што чекате за да се јавите на тој/таа што ве држи будни навечер?! Ништо повеќе не можете да изгубите, можете само да добиете.
Што чекате за да аплицирате за таа работна понуда?
За да го облечете аутфитот што го чувате за посебни прилики, секој ден е посебна прилика. Не знаеш утрешниот ден што носи.
Затоа, земи го телефонот и јави се на секој што ти значи, разубавете им ја вечерта, не треба многу за тоа. Ставете насмевка на нечие лице, и вие ќе се чувствувате подобро. Денес, бидете подобри од вчера. Денес ценете го животот, еден е! Одрекување од одговорност:
Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката ќе заврши.☺
Comments