Родендени
- Emerara
- Jan 28
- 3 min read
Што прво ви доаѓа на ум кога ќе се спомене роденден?
Торта?
Чоколадна со шумско овошје. Или било каков ролат, колку да почастите.
Или можеби ништо, бидејќи кого би частеле? Поклон?
Нешто мало, а сепак огромно. Некогаш е доволно и само таа една личност да крене слушалка, да пише порака, да се појави на врата.
Стареење?
Уште една година одминала, а ништо не се променило. Сеуште сте сами. Сте си мислеле годинава ќе имате свое семејство, но, не испаднало по планираното. Господ за вас имал друг план. Друг партнер. Некој друг со кого ќе се дополнувате.
Прослава?
Заокружување на денот со најблиските.
Прослава со саканиот. Или можеби прослава со сите освен саканиот?
Знам за луѓе што сопствениот роденден го презираат заради тоа што на истиот тој ден, нечиј живот згаснал.
Живот на личност која останала да живее во спомените. Личност чии сеќавања горат се повеќе при секое дување на роденденските свеќи. Личност што треба да е таму до нив на таков битен ден.
Еден доаѓа - друг си оди.
Знам за луѓе што не си ги сакаат родендените од други можеби помалку битни причини.
А ако оставиле толку голема трага, дали стварно биле помалку битни? Или само некој се осмелил да ги нарече така - затоа што не бил способен да ја разбере тежината на истите.
За едно дете - прославата на роденденот значи многу.
Сите другарчиња на куп, сите роднини. Поклони од сите.
Нови омилени играчки, касичката дополнета, душата преполнета.
А има и такви што не слушнале ниту "Среќен роденден".
И други на кои не можеле да им подарат ништо повеќе од "Среќен роденден".
Има такви што добиваат поклон, затоа што така налага денот. А секој еден поклон ти кажува колку некој те познава.
Затоа што не би подарил накит на некој што не носи нели?
Не би подарил книга на некој што никогаш не читал.
Не би подарил ЦД на некој што нема каде да го преслуша.
Не секој цени рачно изработена слика од вас.
И не секој го заслужува времето што вие го посветувате за да го осмислите уникатниот подарок.
Како што не секој заслужува да добие изгравиран подарок, со најискрената порака, нели?
А има па и такви што се свесни колку добро ги познаваш, а баш им е гајле. Дека на денешницава реткост е да некого можеш да прочиташ со само еден поглед. Со само пет минути во нивна близина. Со само една воздишка.
А со таквите личности родендените се најдраги, најубави, најбогати. Со таквите личности не ви треба ништо, само нивното присуство. А некогаш токму тоа и го немаме.
Се сеќавам, за твојот роденден, немав ни скршен денар. Невработена, цела заштеда ја потрошив... Имав доволно за да ти купам свеќи,но немав и за торта. За среќа се договоривме со пријатели да идеме на вечера. Ти никогаш не ме остави да платам јас кога бевме излезени, па се што можев беше да ги замолам келнерите да ги стават свеќите на десертот. Некогаш не треба многу, нели? А јас повеќе се радував на твојот роденден отколку на сопствениот.
А следниов роденден, ќе го прославам најубаво што можам. Ќе направам најголема забава, со сите знајни и незнајни, и ќе наздравам за сите што ме имаа во својот живот и ме испуштија.
Ќе наздравам за уште една година искуство. Ќе наздравам за уште една година живот. За пријателите без кои истиов немаше да вреди. За родителите кои се најголемиот поклон, и за нашето здравје.
И во себе ќе наздравам за сите што се присутни само во мислите. Наздравје!
Одрекување од одговорност:
Приказниве се зачинети со многу драма, а ликовите се измислени, затоа што драмата почнува тогаш кога логиката завршува. ☺
Hozzászólások